|
Според вредноста на акциите на берзата Nasdaq, Apple го надмина Microsoft, кој до сега ја носеше титулата највредна технолошка компанија според вредноста на акциите на пазарот. Во средата, по завршувањето на тргувањето, вкупната вредност на акциите на Apple изнесувала 222 милијарди долари, а истовремено вредноста на акциите на Microsoft била 219 милијарди. Ова за Apple значи пораст на вредноста на акциите за 0,4 проценти, а пад на вредноста на акциите на Microsoft за 4 проценти. Според податоците на Reuters, последен пат кога вредноста на акциите на Microsoft била пониска од онаа на Apple е 19 декември 1989 година. Моментно, акциите на Apple се за повеќе од 10 пати повредни отколку пред 10 години, а интересно е тоа што токму Microsoft го спаси Apple од пропаѓање во 1997 година, инвестирајќи 150 милиони долари во компанијата. Сепак, Microsoft е сеуште пред Apple според остварениот промет, односно компанијата во минатиот квратал остварила 14,5 милијарди долари промет, додека прометот на Apple изнесувал 13,5 милијарди долари. |