|
Мал, но историски чекор за интернетот. Отворени се вратите за веб-адреси кои не се испишани на латиница. Согласно најавите, регулаторната агенција ICANN го пушти системот кој дозволува користење на арапско писмо, а ова е само почеток на воведувањето и други писма во системот на интернет адреси, вклучувајќи го тука и кинеското, тајландското и тамилското писмо. Меѓу првите земји кои го искористија правото веб-адресите да бидат испишани на арапски се Египет, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, а повеќе од 20 земји поднеле барања кои наскоро треба да бидат решени. Од ICANN најавуваат дека е можно да има мали технички потешкотии во почетокот, но се’ би требало да работи, горе-долу, без никакви поголеми проблеми. Иако и до сега беше дозволено за имињата на веб-страниците да се користат нелатинични писма, топ-левел домејните кои ги означуваат имињата на земјите секогаш беа на латиница. Некои земји, како Кина, на пример, веќе најдоа начини за запишување на имињата со сопствено писмо, но станува збор за решенија кои не се меѓународно стандардизирани и главно се некомпатибилни со сите компјутери на интернет. |