|
На конференцијата ISC 2010, одржана во Хамбург, беше објавена најновата листа на Топ 500 најбрзи суперкомпјутери на светот. На врвот нема промени – најбрзиот систем на светот и понатаму е Cray Jaguar, инсталиран во американскиот оддел за енергија. Jaguar има теоретски максимални перформанси од 2,3 петафлопси, а перформансите измерени со Linpack бенчмаркот изнесуваат 1,75 петафлопси. Изненадувањето се наоѓа на второто место, кинескиот суперкомпјутер Nebulae сместен во центарот National Supercomputing во Шензен. Овој хибриден суперкомпјутер е составен од Dawning TC3600 blade системи со Intel процесори Xeon X5650 и Nvidia картичка Tesla C2050. Според максималните теоретски перформанси од 2,98 петафлопси, Nebulae е на првото место на листата на најбрзи суперкомпјутери, меѓутоа измерените перформанси, сепак, се нешто послаби од оние на Jaguar, а изнесуваат 1,271 петафлопси. САД и понатаму има најмногу суперкомпјутери од листата, вкупно 282, а најзастапени се системите од IBM и HP. Roadrunner, со 1,04 петафлопси, се наоѓа на третото место, а BlueGene/P од IBM го држи петтото место и претставува најбрзиот систем инсталиран во Европа. |